По примерот на индустриските зони и растот на инвестициите во стопанството, Македонија ќе го развива туризмот преку формирање на 8 туристички развојни зони. Според Законот за туристички развојни зони, локациите на овие туристички зони веќе се утврдени во регионот на нашите природни езера - Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро и тоа: ТРЗ Љубаништа 1, ТРЗ Љубаништа 2, ТРЗ Љубаништа 3, ТРЗ Калишта, ТРЗ Стар Дојран, ТРЗ Нов Дојран, ТРЗ Отешево, ТРЗ Стење, но и дополнително во Берово, како и Крушево каде исто така е планирана една ваква туристичка зона. Според Блаже Катранџиев од секторот за туризам при општина Дојран, во двете слободни зони во Стар и Нов Дојран предвидено е да се градат модерни хотелски комплекси, бидејќи на овој туристички регион му недостасуваат токму вакви објекти.
По примерот на индустриските зони и растот на инвестициите во стопанството, Македонија ќе го развива туризмот преку формирање на 8 туристички развојни зони.
Според Законот за туристички развојни зони, локациите на овие туристички зони веќе се утврдени во регионот на нашите природни езера - Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро и тоа: ТРЗ Љубаништа 1, ТРЗ Љубаништа 2, ТРЗ Љубаништа 3, ТРЗ Калишта, ТРЗ Стар Дојран, ТРЗ Нов Дојран, ТРЗ Отешево, ТРЗ Стење, но и дополнително во Берово, како и Крушево каде исто така е планирана една ваква туристичка зона.
Според Блаже Катранџиев од секторот за туризам при општина Дојран, во двете слободни зони во Стар и Нов Дојран предвидено е да се градат модерни хотелски комплекси, бидејќи на овој туристички регион му недостасуваат токму вакви објекти.
- Ќе се градат и угостителски и туристички капацитети кои ќе бидат во функција на туризмот и подигање на неговиот квалитет во Дојран - вели Катранџиев и додава дека најголемиот дел од нив ќе бидат изградени во непосредна близина на езерото.
Според него, предвидено е овие комплекси да бидат од затворен тип и за тоа какви содржини ќе имаат, ќе одлучува самиот инвеститор. Но, смета тој, секако дека ќе има модерни спортски терени, мини-паркови и паркинзи, подземни гаражи, но и атрактивни аквапаркови и други содржини наменети за помладата популација.
По завршување на изборите, оваа локална единица планира да објави нов тендер за туристичката зона Стар Дојран.
И во општина Ресен се подготвува деталниот урбанистички план за туристичката развојна зона Стење. Во меѓувреме, како што вели Тони Јовановски, советник за урбанизам во оваа локална самоуправа, се подготвува модернизација на преспанското крајбрежје и тоа околу 2.000 метри плажа.
- Плажите ќе бидат лоцирани во Отешево, Стење, Сливница, Претор и Крани - вели Јовановски и посочува дека должината на плажата во Стење ќе биде 500 метри, Сливница 100 метри, Отешево околу 500 метри и од 100 до 200 метри во Сливница. Според него, овие плажи ќе бидат по сите стандарди со шанкови, тревници, платформи на вода, а во втората фаза ќе се развива и хотелиерството.
Државата преку Законската регулатива дава одлични погодности за инвестирање во туристички развојни зони, подобри услови, како и начинот и постапката за основање на дејности кои ќе се вршат во туристичките развојни зони, но и посебните услови за работа.
Со засилено темпо се модернизираат и плажите во Дојран, со што значително се зголеми атрактивноста на Дојранското Езеро како туристичка летна дестинација. За изградба и уредувањето на плажата во Стар Дојран, компанијата ЕЛЕМ инвестираше приближно 26,8 милиони денари во градежни работи, опрема за плажата и изградба на понтонско пристаниште. Плажата беше пуштена во употреба лани летото и таа се вбројува во една од најурбанизираните плажи во земјава и несомнено најуредената плажа на брегот на Дојранското Езеро.
Формирањето на туристички развојни зони во земјава ќе се реализираат на земјиште што е во државна сопственост, а ќе можат да вложуваат домашни и странски инвеститори. Државата ќе дава и помош и тоа во форма на даночни олеснувања и ослободувања и тоа кај персоналниот данок до 10 години, како и изземање од плаќање на ДДВ за градежни материјали за изградба на зоната и објектите во неа.
Ресорното министерство донесе и Стратегија за развој на руралниот туризам 2012-2017 која претставува сеопфатна рамка за развој на руралните области во Македонија и подобрување на квалитетот на живеење на населението во овие области.
Ресорното министерство обезбеди и нови локации за хотели и сместувачки капацитети, а владините поволни мерки се 1 евро за квадратен метар и намалувањето на комуналиите за 95% од почетната вредност. Овие поволности дадоа очекувани резултати, бидејќи во периодот од август 2011 до февруари годинава од страна на Министерството за транспорт и врски и општините се отуѓени вкупно 74 локации за изградба на хотели, објекти за времено сместување, одморалишта, кампови, викенд-сместување и планинарски домови.
Агенцијата за промоција на туризмот активна на многу саеми
Саемските манифестации се важен сегмент за промоција на Македонија како привлечна туристичка дестинација. Токму затоа на агендата на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија (АППТ) за годинава се посета на 15 интернационални саеми за туризам. Како што не информираат од АППТ во првото тромесечје тие посетиле 13 саеми за туризам каде ја промовирале туристичката понуда и инвестициските можности на земјава. Дел од тие саеми се одржале во Утрехт, Виена, Хелсински, Истанбул, Брисел, Милано, Софија, Белград, Берлин, Москва, Гетеборг и Букурешт.
- На саемите за туризам има одлична можност за промоција на Република Македонија. АППТ во 2014 година подготви 6 промотивни брошури, а на саемите се претстави и со нов дизајн на штандот. Со оглед на тоа дека процентот на странски туристи од година во година расте, оваа пракса на АППТ за учество на саеми ќе продолжи и во иднина - посочуваат од Агенцијата.
Сигнализација и информативни табли по Коридорот 10 и 8
Дел од подобрување на состојбите во туризмот во земјава е и реализација на Проектот за одбележување - сигнализација на туристичките места по коридорите 10 и 8. Во периодот од 2011-2012 поставени се 115 информативни табли на сите позначајни туристички, културно-историски места, како и 10 информативни табли на коридорите 10 и 8, но и 30 знаци на регионалните патишта во земјава. За информативните табли потрошени се 1.580.000 денари, за знаците на регионалните патишта реализирани се 580.000 денари, како и 350.000 денари за табли за велосипедски патеки. Истовремено изработено е урбанистичко-планска документација за изградба на модерни бензински станици, заедно со придружно-услужни објекти, како и мотели и мали хотели кои треба да бидат лоцирани на најфреквентните патишта во земјава.